Не ми паѓа напамет да бегам од државата, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ бидејќи како што тврди – ја „подигнал“ државата, пренесе Бета.
Запрашан за оценката на претставниците на опозицијата дека едно решение за смирување на протестите и блокадите во Србија е да ја напушти земјата како сирискиот претседател Башар ал Асад, Вучиќ рече дека не се плаши од „најлошите крадци и криминалци како Јешиќ, Ѓилас, Алексиќ, Миливојевиќ“.
– Има моменти во историјата кога поради разни настани, најлошиот талог, тињата, излегуваат на површина. Доаѓа момент кога мислат дека треба да бидат на површина. Јас да бегам што ја подигнав Србија од оние кои ја уништија оваа држава? Никогаш нема да го сторам тоа, изјави Вучиќ за новинарите во Брисел, каде што ќе присуствува на Самитот на Европската народна партија за Западен Балкан.
Тој оцени дека Србија денес е „најсилна и најразвиена“ во својата историја.
Вучиќ ја обвини опозицијата за злоупотреба на деца за политички цели.
И претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека може да разбере како човек ако претседателот на државата, Александар Вучиќ, размислува да поднесе оставка.
Според неа, со години траат обидите за дестабилизација на земјата, во која тој е изложен на омраза.
– Можев да разберам дека му е доста од тоа. Но, треба да направиме неколку големи работи што им ги ветивме на граѓаните до 2027 година – рече таа за белградски медиуми, пренесе Бета.
Според неа, обидите за дестабилизација на државата траат откако Вучиќ стана премиер на Србија, а потоа и претседател, бидејќи, како што вели, на некои во Србија и во светот им пречи нејзината независна, самоуправна политика.
Таа нагласи дека оттогаш во Србија има протести секоја година, но неодамна таква омраза кон него е „невидена во светската политика“, додавајќи дека опозицијата нема друга програма.