Премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска ја оцени како „лага“ изјавата на косовскиот премиер Аљбин Курти дека Србите од северот на Косово не плаќаат струја и вода.
Курти изјави дека „паралелните структури контролирани од Србија“ на север ги чинеле граѓаните и даночните обврзници на Косово 320 милиони евра поради наводни неплатени сметки за струја и 17 милиони евра за водоснабдување од 1999 година.
Брнабиќ во порака на Твитер наведе дека ова е само уште еден пример за „размерот и дрскоста на лагите на Аљбин Курти“.
Таа реагираше на претходно објавената порака на Твитер на директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, кој напиша дека „Две децении Белград финансиски ја поддржуваше потрошувачката на електрична енергија на северот на Косово и, на пример, од Ноември 2009 до декември 2020 година за таа намена издвоивме 171 милион евра“.
Петковиќ одговори на твитот на Курија, во кој се вели дека „паралелните структури не дозволуваат наплата на струја и го попречуваат спроведувањето на енергетскиот договор постигнат во дијалогот (Белград и Приштина) пред десет години“.
„Без стимулации за штедење, потрошувачката во овие општини се зголеми за повеќе од 70 проценти за една деценија, делумно поради одгледување дрога и криптоминирање“, рече Курти.