Британското кралско семејство минува низ исклучително тежок период откако Бакингемската палата објави дека на кралот Чарлс му е дијагностициран рак. Здравствени проблеми имаше и принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, која во јануари имаше операција на абдомен и сега се опоравува.
Пријател на кралското семејство за британските медиуми откри дека Кејт добро закрепнува и им се придружила на својот сопруг, принцот Вилијам и нивните три деца на одмор на имотот Сандрингам во Норфолк, каде што се опоравува и кралот Чарлс.
– Кетрин добро закрепнува. Таа се радува на промената на средината и може да се опушти во Норфолк додека децата се забавуваат со Вилијам – изјави пријател на војвотката за Дејли Меил.
42-годишната принцеза пред 12 дена беше отпуштена од лондонската клиника каде поминала речиси две недели. Во единствената изјава од Кенсингтонската палата за нејзиното здравје, портпаролот рече дека „врз основа на сегашните медицински совети, малку е веројатно дека таа ќе се врати на јавните обврски пред Велигден“.
Портпаролот не објави детали за природата на нејзината операција, но изворите велат дека не станува збор за рак. Откако ја напушти болницата, принцезата престојувала во Аделаида Котиџ, семејниот дом со четири спални соби во Виндзор Хоум Парк.
Нејзините деца, принцот Џорџ (10), принцезата Шарлот (8) и принцот Луис (5) одат во училиштето Ламброк, што е на 15 минути возење во Беркшир.
Британските медиуми открија дека Принцот Хари не бил поканет во Сандрингем и неговата средба со неговиот татко траела 45 минути во Кларенс Хаус, додека семејството на Кејт Мидлтон можело да биде со кралот во Сандрингем.
Принцезата и нејзиното семејство ќе престојуваат во Анмер Хол, нивниот дом со десет спални соби на имотот Сандрингам. На добротворниот настан во средата, Вилијам и се заблагодари на јавноста за пораките за поддршка што ги добива кралското семејство во овие тешки денови.