Тенковите „Челинџер“ од британско производство се меѓу значајните западни оклопи кои сега ја сочинуваат ударната сила на Украина во упадот во областа Курск, потврди за Би-Би-Си извор од Велика Британија. Украина нема дозвола од Велика Британија да напаѓа цели во Русија, освен со ракетите „Сторм Сенка“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека украинските трупи имаат целосна контрола над рускиот град Суџа во Курск. Во градот, кој е најголем кој Украина наводно го зазела досега, пред војната живееле околу 5.000 луѓе. Низ Суџа тчече природен гас од западен Сибир кој ја снабдува Украина.
Џонатан Бејл, дописник за теми од одбраната за Би-Би-Си пишува дека западни оклопни возила биле веќе забележано на територијата на Русија претходно овој месец. Тие вклучуваат оклопни возила „Бредли“ и „Страјкер“ испорачани од САД, како и „Мардерс“ испорачани од Германија.
Но, тој исто така додава дека досега нема прикажани слики од британските „Челинџери“ или американските тенкови „Абрамс“ преку границата. Лани Украина доби 14 тенкови од Велика Британија за својата неуспешна офанзива на југот, а во моментот нема објавена информација за други можни испораки.
Во однос на успехот на Украинците во продорот во Куркс Бејл пишува:
„Западните воени експерти го истакнаа успехот на украинската офанзива поради употребата на, како што го нарекуваат „маневар за комбинирано вооружување“ – користејќи војници заедно со оклопни возила, артилерија и тенкови, како и електронско војување и беспилотни летала – за напад“.
Врховниот командант на украинските вооружени сили Олександр Сирски денеска изјави дека во Курск е формирана воена команда „со цел да се одржи редот и да се обезбедат приоритетните потреби на населението во контролираните територии во областа“. Украински началник на Курск ќе биде генерал-мајор Москаљов.