Европската комисија размислува за целосна конфискација на замрзнатите руски средства во ЕУ, и покрај предупредувањата на Белгија за можни незаконски импликации и ризици за финансиската стабилност на Еврозоната. Досега, ЕУ користеше само каматни профити од замрзнатите средства за поддршка на Украина, додека главницата останува допрена.
Замрзнатите руски средства во ЕУ се проценуваат на околу 210 милијарди евра, од кои речиси 180 милијарди се депонирани во белгиската клириншка куќа „Еуроклир“.
Еврокомесарот за економија, Валдис Домбровскис, порача дека Москва мора „да се натера да плати“ за агресијата врз Украина и најави дека ќе се разгледаат сите опции за запленување на средствата, иако тоа носи „економски и правни ризици“.
Белгискиот министер за финансии, Винсент Ван Петегем, предупреди дека конфискацијата може да создаде „сериозни правни и економски ризици“ за Еврозоната, нагласувајќи дека приходите од камати претставуваат постојан извор на средства, за разлика од еднократна конфискација.
Според европски дипломат, Белгија стравува дека конфискацијата би можела да ја загрози репутацијата на „Еуроклир“, со потенцијални последици како губење доверба од трети земји или тужба од Русија.
Високата претставничка за надворешни работи и безбедност на ЕУ, Каја Калас, уште во ноември 2024 година најави разгледување на конфискацијата, додека претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, предупреди дека таков потег би можел да ги наруши принципите на меѓународниот поредок.
Директорот на „Еуроклир“, Валери Урбејн, исто така изрази загриженост, нагласувајќи дека конфискацијата на руските средства би отворила бројни правни прашања.
Покрај Белгија, и Германија, Холандија и Луксембург изразија загриженост од правните и финансиските последици што би можеле да произлезат од ваквата мерка.