Во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на познатиот бенд „Бијело дугме“ и на само еден ден пред 74-от роденден, Горан Бреговиќ, славна рок ѕвезда на балканските простори, ќе одржи концерт во Скопје. Славеничкиот концерт е закажан за 23 март во спортскиот центар „Јане Сандански“.
Бреговиќ во Скопје доаѓа со својот „Оркестар за свадби и погреби“ за да ги прослави овие два убави повода со македонската публика.
„Бијело дугме“ е основано во Сараево во 1974 годна со тогашниот вокал Жељко Бебек, тапанарот Ипе Ивандиќ и клавијатуристот Владо Правдиќ. Првиот албум „Кад би био бијело дугме“ им донесе голема популарност поради мешањето на хард рок музиката со балканскиот фолк.Бреговиќ денес живее во Париз и е познат светски музичар. Има настапувано во најпрестижните сали како „Ројал Алберт хол“ и „Карнеги Хол“, а пишува и филмска музика, свет во кој влезе по „Бијело дугме“.
Неговите соработки со Емир Кустурица се особено впечатливи, а музиката која носи јужнословенски и ромски теми е фузија на популарната музика со традиционалната полифонична музика од Балканот, а и со тангото и дувачките орекстри.
– Не носете подароци, вие сте мојот најголем роденденски подарок. Дојдете бидејќи спектаклот нема да изостане и – ко не полуди, тај није нормалан – вели Брега во својата порака до македонската публика, која на 23 март ќе има единствена можност во една вечер да ги слушне најголемите хитови на овој музички гениј.
Влезниците за големиот солистички концерт во Скопје може да се купат преку веб-страницата https://www.kupikartizase.com/ и на сите нивни продажни места. Цената е 1.200 денари за партерот, 1.800 за фанпитот, сребрените и златните седишта чинат 1.400 и 1.800 денари, додека, пак, влезниците за вип делот се 2.500 денари.