Бред Пит во својата богата кариера снимил голем број филмови кои беа пофалени од критиката и публиката, а некои од нив се „Once Upon a Time in Hollywood“, „Seven“ и „Moneyball“.
Актерот сега откри кој филм го смета за најлошиот проект во неговата кариера.
Кога поединец ќе ја постигне славата и популарноста што ја постигна Пит, со сигурност може да се каже дека тој има слобода да избира свои проекти и да ја користи креативната слобода. За жал, тоа не бил случај со Пит, кој бил принуден да глуми во една продукција што ја смета за најлошиот проект во неговата кариера.
Станува збор за филмот „Троја“, адаптација на Хомер во режија на Волфганг Петерсен во кој Пит го играше Ахил, легендарниот непобедлив воин и кој беше прифатен со значително воздржување од критичарите. Тогаш Пит не можеше да го каже своето мислење поради договорните обврски, но подоцна откри дека жали поради снимањето на филмот бидејќи студиото го принудило на тоа, откако се откажал од друг проект.
„Не беше болно, но сфатив дека начинот на кој беше раскажан филмот не е како што сакав да биде. Јас направив свои грешки во него. Што се обидувам да кажам за „Троја“? Не можев да излезам среде снимањето. Станав разгален со работата со Дејвид Финчер. Тоа не е со потценување за Волфганг Петерсен. „Das Boot“ е еден од најдобрите филмови на сите времиња. Но, некаде по пат „Троја“ стана комерцијална работа. Секој кадар беше како „Еве еден херој! Немаше никаква мистерија“, рекол Пит.
По работата на „Троја“, актерот си ветил дека нема да прави компромиси со својата уметничка визија и решил да работи на филмови за кои е заинтересиран. Ова дефинитивно се покажало како добра идеја бидејќи тој продолжил да работи на фантастични проекти.