Бразилското „чудо од дете“, 18-годишниот Ендрик вчера во Мадрид беше претставен како играч на Реал. На 16-годишна возраст младиот фудбалер веќе договори трансфер во најголемиот клуб во светот, а во меѓувреме настапуваше за својот матичен клуб Палмеирас.
По две сезони на калење, Ендрик конечно премина во Реал. Вчера тој беше официјално претставен на „Сантијаго Бернабеу“. Претставувањето во „кралскиот клуб“ младиот Бразилец го доживеа многу емотивно и на крај се расплака од радост.
– Немам зборови да го опишам она што го чувствувам. Отсекогаш сакав да бидам тука. Сакав да играм за Мадрид. Тоа беше сон. Денес, тоа е реалност! Сигурен сум дека ќе научам многу тука. Имаат фантастични играчи. Така, јас сум фокусиран на учењето од сите играчи за да можам повремено да помагам на теренот – истакна 18-годишниот Бразилец со солзи во очите.
Откако беше претставен вчера, денеска Ендрик првпат тренираше со новите колеги.
Бразилецот беше пречекан од играчите на Реал Мадрид, а Лука Модриќ му испратил симболична порака.
„Дојде сите да не пензионираш. Само 18 години…“ – му рекол Модриќ, кој по заминувањето на Начо стана капитен на мадридскиот тим.
– Бог ми ја даде оваа одговорност и ако ми ја дал, тоа е затоа што знае дека сум способен. Сега морам да учам, да бидам мирен, да работам, да им помагам на соиграчите и да ги слушам советите на играчите бидејќи тие се феноменални и ќе можам да научам многу. Колку повеќе учам, толку подобро – изјави младиот Бразилец по пристигнувањето на првиот тренинг.
Фудбалерите на Реал Мадрид денеска го одработија последниот тренинг во шпанската престолнина, а утре патуваат за Северна Америка каде ќе одиграат три пријателски натпревари против Челзи, Милан и Барселона.
За потсетување, Реал Мадрид за Ендрик плати 47 милиони евра, а Палмеирас со дополнителни бонуси може да инкасира и до вртоглави 60 милиони.