Цената на брашното се намалува во континуитет од јануари наваму зависно од конкуренцијата во регионот и од берзанската цена. Дали ќе има намалување на цената од следната недела ќе зависи токму од овие параметри, велат од мелничката индустрија, откако министерот за економија Крешник Бектеши објави на Фејсбук дека следната недела ќе има намалување на цената на брашното за што добил ветување од мелничарите.
– Од јануари до сега цената на брашното е намалена за околу 40 отсто и тоа како резултат на конкуренцијата на цените на брашното во регионот и падот на берзанската цена на брашното која последните две недели интензивно се намалува. Какви ќе бидат цените на брашното следната недела и во наредниот период ќе зависи токму од овие параметри – движењето на цената на берзите и од цената кај нашата конкуренција од регионот, а не од некакви ветувања на компаниите дадени на владини претставници на приватни средби – вели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Тој додава дека официјална средба на претставници на мелничката индустрија со министерот за економија немало и според тоа нема никакво ветување од нивна страна дека цената на брашното следната недела ќе се намали како резултат на таква средба.
– Не сме имале официјална средба со министерот Бектеши и не можам да тврдам со кого се сретнал и кој му најавил намалување на цената на брашното следната недела. Како што реков и пред тоа, ние и без средба со него во изминатите неколку месеци во континуитет ја намалуваме цената на брашното бидејќи не можеме да опстанеме на пазарот со конкуренцијата од увозното српско брашно. Дополнително и берзанската цена во континуитет паѓа и ние мораме редовно да реагираме на тоа, ако сакаме да останеме на пазарот – вели тој.
Според него, мелничко-пекарската индустрија поради случувањата во изминатата година – високата цена на струјата и репроматеријалиите, како и поради мерките на владата преземеи во 2022 година, годинава ќе бележат големи загуби.
– Пекарската индустрија веќе има загуби поради скапите резерви и ниската замрзната цена на лебот. Кај помалите пекарници дневните загуби поради ова се од 2.000 евра, а кај големите до 13.000 евра. Загуби се очекуваат и во мелничката индустрија. Според тоа, годинава и двата сектора ќе бележат загуби од прелеаните случувања во текот на ланската година – додава Малишиќ.
Според него, владата ќе треба да ја помогне оваа индустрија бидејќи таа тешко ќе може да ја помине годинава.
– Ние нашите аргументи и предлози за решавање на проблемите ги кажавме уште пред кризата. Сето тоа владата го има на увид, а дали ќе реагира и ќе помогне да не згаснуваат бизнисите од неа зависи – вели претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.
Средба со министерот немале ниту мелничарите од Агро-бизнис комората на Сојузот на стопанската комора и според тоа како што велат немало никакви разговори околу цената на брашното од следната недела.
Министерот за економија, на Фејсбук објави дека следната недела ќе има дополнително намалување на цената на брашното од страна на домашните производители.
Во својата последна мерка, Владата ги замрзна цените на јајцата и оризот, а беше најавено дека истото ќе следи за брашното и шеќерот доколку компаниите сами не ги намалат цените.