Брачен пар за влакно ја избегнал смртта при уривањето на хотелот „Дубровник“ во Аргентина во вторникот. Грасиела и Рубен од соседната двокатна зграда до хотелот сакале да го испијат утринското кафе кога слушнале дека наеднаш нешто се срушило.
После тоа сè останало во магла, а тие биле покриени со прашина и парчиња шут. Кога се освестиле, длабоко вдишале и сфатиле дека се живи. Нивниот син, кој има ресторан на само 200 метри, веднаш истрчал да ги бара. Го слушнале како вреска во близина на урнатините. По извесно време пожарникарите успеале да ги извлечат од урнатините.
Рубен вели дека само една работа ја спасила неговата сопруга од сигурна смрт.
– Една минута пред да ме праша дали сакам кафе, јас реков не. Ако сакав кафе, таа ќе влезеше во кујната и тоа ќе беше крајот. Сега немаше да разговараме.
Грасиела рекла дека прво слушнала татнеж и дека прво помислила дека некој се обидува да ја скрши вратата.
– Мислев дека некој сака да не ограби, или некој сосед, а потоа одекна експлозија.
Во нивниот стан уништена е кујната и неколку соби. Сè е покриено со шут и прашина. Кога се урна хотелот, двокатната зграда каде тие престојувалеа со месеци, се преполовила. Тие дошле од Шпанија во Аргентина за да посетат едно од нивните три деца.
Уште не е позната точната бројка на жртви во уривање. Една од жртвите е 84-годишен маж. Како исчезнати се водат Марија Роса Стефаниќ, поранешната сопственичка на хотелот и нејзиниот внук Нахуел Стефаниќ (25) и уште неколку лица.
Не е ниту позната причината за уривањето на хотелот. „Дубровник“ го изградила брачна двојка од Хрватска во 1986 година кога се доселила во Аргентина. Од хрватската амбасада во Буенос Аирес за хрватски „Данас“ изјавиле дека се работи за хотел на 400 километри од градот.
Луѓето кои живеат во околината велат дека знаат дека хотелот се реновира затоа што од утро до вечер слушале тропање и дупчење. Наводно, сопствениците на хотелот имале дозвола за реновирање на фасадата и некои други делови, но немале дозвола за поголеми работи кои, како што се сомневаат, се вршеле во хотелот.
Телото на жена, чиј идентитет не се соопштува, е извлечено од урнатините. Властите не го открија нејзиниот идентитет.