Создавањето независна палестинска држава е најдобриот начин да се гарантира безбедноста на Израел, изјави шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел.
Тој вчера преку видео-конференција разговараше со министрите за надворешни работи на 27-те земји на ЕУ по неговата турнеја на Блискиот Исток на крајот од минатата недела. Се осврна и на случајот со киднапирањето товарен брод во Црвеното Море од страна на јеменските бунтовници Хути во неделата, со двајца Бугари во неговиот екипаж.
-Најдобрата гаранција за безбедноста на Израел е создавањето палестинска држава – рече Борел и додаде дека ова е „фундаментален политички заклучок“ од неговите разговори во регионот.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, на 18 октомври рече дека војната меѓу Израел и Хамас ја зајакнала неговата решителност да го реши израелско-палестинскиот конфликт врз основа на соживот на две држави.
-Израел не треба да го окупира Појасот Газа и контролата над него треба да биде предадена на палестинските власти – повика Борел.
Тој посочи дека „и покрај огромните предизвици“, неопходно е да се размислува „за стабилизација на Газа и за идната палестинска држава“.
– Краткорочно, во регионот постои „чувство на итност“ поради очајната хуманитарна ситуација во Појасот Газа – рече Борел по турнејата низ голем број арапски земји.
Тој ја опиша како „голем чекор напред“ резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итна хуманитарна пауза на палестинската територија, но во исто време повика на нејзино брзо спроведување.
Шефот на европската дипломатија изрази загриженост и за „експлозивната ситуација“ на Западниот брег на реката Јордан. „Со оглед на порастот на насилството од (еврејските) екстремисти и доселеници против Палестинците, постои реален ризик ситуацијата да ескалира“, предупреди тој.
Што се однесува до случајот со заробениот танкер „Galaxy Leader“ во Црвеното Море, Борел коментира дека „извештаите за киднапиран брод од Хутите се уште еден алармантен знак за ризикот од ширење на конфликтот низ целиот регион.