Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел рече дека Европа ја споделува болката со жртвите во Сребреница и нивните семејства и дека нивната борба заслужува само восхит и почит.
– Наша заедничка должност е да се сеќаваме на жртвите на геноцидот извршен во Сребреница – едно од најтемните поглавја во историјата на модерна Европа. Ја споделуваме болката и во нашите срца ја чуваме храброста и силата на оние кои преживеаја – рече Борел во своето видео обраќање за време на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари.
Тој предупреди дека „мирот никогаш не смее да се зема здраво за готово“ и дека мора да учиме од минатото.
– Нема место за негирање на геноцидот, ревизионизмот и глорификацијата на воените злосторници. Мајките на Сребреница можат да ни послужат како инспирација, нивната потрага по вистината додека ги бараат своите најблиски стана симбол на достоинството. Нивната желба да видат иднина за новите генерации која ќе се заснова на покајание и прошка заслужува наше восхитување и почит – рече Борел.
Тој истакна дека ЕУ, „додека ја држи Сребреница во своето срце, цврсто стои со Босна и Херцеговина и Западен Балкан“.
– ЕУ сака да ја види Босна и Херцеговина како дел од неа – додаде Борел.