Бомбаш самоубиец уби најмалку 13 војници, а рани најмалку 20 лица денеска на воена академија во главниот град на Сомалија, Могадишу.
Одговорноста за нападот ја презеде вооружената група Ал Шабаб, која минатата година, поради кампањата на сомалиската армија и нејзините сојузници, се повлече од териториите каде што дејствуваше на југот на земјата, но продолжи со смртоносни напади, пренесува Ројтерс.
Припадниците на вооружената група го зголемија бројот на напади во последните неколку недели и на крајот на мај убиле најмалку 54 членови на мировната мисија од Уганда во база јужно од Могадишу.
Цел на денешното бомбардирање беше воената академија Јале Сиад. Ројтерс од анонимен војник во воената болница во Могадишу дознал дека таму се телата на 13 загинати војници и дека 20 ранети се хоспитализирани.
Жртвите доаѓаат од регионот Долна Шабел и дошле во главниот град на обука, изјави капетанот Али Фарах, кој познавал некои од нив. Тој рече дека знаел за 10 смртни случаи досега.
Ал Шабаб во соопштението рече дека бомбашот уби 73 војници, а рани 124. Групата обично дава бројки за жртви кои се значително повисоки од оние што ги даваат властите.