Турското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека турски воени авиони ги бомбардирале курдските бунтовници во северен Ирак поради бомбашкиот напад во Анкара, во кој беа ранети двајца турски војници.
Околу 20 цели на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) биле уништени во воздушниот напад, вклучувајќи засолништа и магацини, соопшти Анкара.
„Турската војска ги засили воздушните напади врз северните ирачки бази на ПКК“, се вели во соопштението на турското Министерство за одбрана.
Нападите се случија неколку часа откако бомбаш-самоубиец активираше експлозив во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи во Анкара, при што беа ранети двајца полицајци. Вториот напаѓач е убиен во престрелка со полицијата.
Курдската работничката партиja (ПКК), вооружена група која Турција и западните земји ја сметаат за терористичка, ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад.
Бомбаш-самоубиец вчера активираше експлозивна направа во близина на Министерството за внатрешни работи во турската престолнина Анкара, неколку часа пред да започне седницата на парламентот по летниот одмор. Полицијата благовремено ги неутрализирала напаѓачите, избегнувајќи поголем инцидент.
Во воведниот говор по повод првата седница на Собранието по летната пауза, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган оцени дека „терористите кои се обидуваат да го уништат мирот и безбедноста во Турција никогаш нема да успеат“.
– Нема да дозволиме терористичка организација да ја насочува нашата политика и да го попречува патот на нашата земја – рече Ердоган.
Двајца терористи, кои со мало возило пристигнале пред влезот на Генералната дирекција на полицијата во Анкара, вчера изутрина во 9 часот и 30 минути по локално време извршиле бомбашки напад. Еден од терористите се разнесе во експлозијата, а другиот е неутрализиран. При престрелката, двајца турски полицајци биле полесно ранети.
На снимката од надзорните камери се гледа како возилото застанува пред главниот влез на МВР, а еден од патниците брзо оди кон зградата пред експлозијата, додека другиот останал на улицата.
ПКК и ИСИЛ во минатото извршија вакви напади во туристичките области и центрите на градовите во Турција. За време на серијата крвави инциденти во 2015 и 2016 година, Курдите, ИСИЛ и други групи ја презедоа одговорноста или беа обвинети за неколку напади во големите турски градови.
Новинарката на Ал Џезира, Синем Косеоглу, која известува од Истанбул, рече дека по нападот, мерките за безбедност околу парламентот и зградите на Министерството за внатрешни работи се зголемени.