Во земјава не се знае точниот број на пациенти заболени од рак на дојка заради немањето регистар за заболени од рак, но бројот на заболени годишно се зголемува за нови 1.000 до 1.200 пациенти, велат од Здружението „ХЕМА-ОНКО“.
Тие имаат три барања со кои очекуваат да се подобри состојбата на пациентите и да се превенираат нови заболувања.
-Без програма која ќе направи превенција во наредните 10 години овие бројки ќе одат само нагоре. Како онколошки пациенти на нашата листа на барања првото место го зазема промената на позитивната листа на лековите, веднаш потоа е скрининг програмата која иако е нова има премногу пропусти. Затоа треба да се преработи и за да се изработи нова програма во соработка со пациентските здруженија. Трето барање е нови протоколи на Онкологија за да се подобрат условите за пациентите, но и да се олесни работата на докторите, бидејќи во нехуманите услови што ги има и тие не можат да се посветат на пациентите како што треба- рече Ана Марјановиќ на денешниот настанот „Појадок со ХЕМА-ОНКО“ и хуманитарниот базар што се одржа во Школка во Градскиот парк под мотото „Заедно во превенција и свест за рак на дојка – твојата сила започнува со твојата свест“ .
Во моментов, како што кажа, според нејзините информации на Онкологија има терапија и не е вратен ниту еден пациент, а поголеми проблеми има околу скрининг програмата и наоѓање термини за дополнителни прегледи.
Новодијагностицираните, додаде, имаат голем проблем за закажат ехо на дојка и мамографија, но не се чека за хируршки третман.
-Треба да се направат нови протоколи во кои ќе има соработка помеѓу Онкологија, Радиологија и Хирургија бидејќи тоа е поврзано и треба да се промени како се гледаат и како се третираат пациентите – порача Марјановиќ.
И претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денес им даде поддршка на пациентите со рак на дојка на настанот организиран од здружението ХЕНА – ОНКО.
– Како ќе ги поддржувам? Сега мирно, а во иднина може и радикално, на протести – рече Сиљановска Давкова.
Доктор Гордана Петковска, специјалист онколог на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија што работи на одделот што третира пациенти со рак на дојка истакна дека на светско ниво од 2012 година статистиките покажуваат дека за еден отсто годишно се зголемува бројот на заболени од рак на дојка, но благодарение на развојот на медицината и на лековите за 40% е намалена смртноста од оваа опака болест.
Taa дека се поместува старосната граница на заболени од рак и дека се почесто заболуваат жените под 50 годишна возраст.
-Постои преоптовареност секаде и во секоја амбуланта. Секојдневно се зголемува бројот на заболени и се трудиме секој ден да одговориме на потребите. Сепак, во Македонија се уште немаме точни податоци за заболените од рак заради регистерот на рак кој се уште е во зародиш и кој се уште не ги дава точните бројки – рече Петковска.