Не е добра здравствената состојба на српскиот фудбалски тренер Синиша Михајловиќ. И самиот Миха е свесен за состојбата во којашто се наоѓа, свесно е и неговото семејство, а почнуваат да се освестуваат и неговите пријатели.
Српскиот портал Спортал контактирал неколку блиски пријатели на Михајловиќ откако во јавноста се рашири информацијата дека леукемијата се вратила многу посилна и дека Синиша повторно во многу тешка состојба се наоѓа во болница.
Разбирливо, никој од неговите пријатели не сакал да зборува јавно со име и презиме, но вестите од Италија дефинитивно не се добри.
– Синиша е во болница, свесен и буден. Не е во кома и воопшто не ни беше во кома. Денеска дури е малку подобар од вчера и од завчера, но и понатаму сѐ е во божји раце – изјавиле блиски пријатели на Синиша, а кои инсистирале да останат анонимни.
– Може да живее уште 10 дена, а може и уште 30 години. Таква е таа болест. Тој е свесен за тоа, а свесно е и неговото семејство – изјавил друг близок пријател на Синиша.
Да се потсетиме, во 2019 година му беше дијагностицирана леукемија на српскиот фудбалер и тренер. Првиот бран го изгура во болница и се врати на теренот како голем борец и победник. Но, пред десетина дена повторно му се влошила состојбата.