Бојан Јовановски-Боки 13 утринава треба да се јави на информативен разговор во полиција, откако вчера, додека беше на подкаст кај Лазаров, полиција го бараше во домот на неговите родители. Тој вчера, по поткастот, по полноќ се јави во полициската станица-Карпош, каде беше екипа на „Скопје1“.
Немало кој да го изврши тој информативен разговор, па затоа денеска, во Кисела Вода, тоа треба да го направат инспекторите од Единица за насилен криминал, кои ја примиле пријавата.
„Беа коректни, ми кажаа дека го води Единицата за насилен криминал, тоа значи дека сум направил некакво насилство односно дека сум загрозил безбедност. Јас имам информации дека лицето Зоран Милевски-Кичеец ме пријавило поради моите јавни настапи, дека сум му ја загрозил безбедноста“, рече Јовановски-Боки 13.
Прашан од „Скопје1“, дали чувствува одговорност, рече:
„Никаква одговорност, каква црна одговорност. Мојата безбедност е загрозена, неговата не е. Немам проблем да отидам на информативниот разговор, колку и да е банално. Ова беше обид за притисок и цензура“.
„Искрено ме потресе, во моментот кога Тони ми кажа дека дошла полиција кај моите, ми се вратија стари спомени. Но за конкретната ситуација, конкретно дејствие, не дека ме потресе.. Не дека сум загрозил нечија безбедност.. Дали ме цензурираа? Се обидов да бидам сконцентриран..“
Вчера, ги повика и медиумите за денеска во 10 часот пред полициската станица Кисела Вода.
„Утре во 10 часот сум повикан на информативен разговор во П.С Кисела вода (Пролече) во врска со пријава за загрозување на безбедност согласно член 144 од КЗ. Ова го чувствувам за директен притисок и обид за цензура од страна на засегнатите лица во врска со мојот настап кај Лазаров!!! Ги повикувам медимите и најавувам изјава за јавноста по завршување на информативниот разговор“, напиша Јовановски.
На ова имаше и претходница. Завчера, Јовановски-Боки 13 алармираше дека има притисоци, од лица кои ги поврзуваше со Милевски-Кичеец. Кажа дека пред неговиот стан го пречекале две лица да му пренесат порака.
„Па еве вака, јас нему му кажувам јавно, дека утре дополнително ќе го разобличам и него и целата останата политичка криминална банда и утре во 20 часот на интервјуто кај Лазаров ќе му одговорам на пораката која ми ја пренесоа неговите каубојци!!! П.с за утре имам голем, обемен и многу содржаен материјал кој ќе го понесам со себе кај Лазаров!!! Нема да ме заплашите со ништо и нема да ме спречите, единствено може да го откажам утрешниот настап и да молчам ако ме убиете, друго решение немате!!! П.с-2 Кичеец веќе има искуства со ликвидации и мафијашки пресметки со убиства, ваљда истражните органи тоа го знаат и подобро од мене, а ако не знаат ќе дознаат!!!“, напиша Боки 13