Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки-13, денеска е осуден на казна затвор од 9 години. Тој за двете кривични дела доби затворски казни од по 5 години, или единечна казна од 9 години.
-Виновен е затоа што го сторил кривичното дело „измама“ и „перење пари“ – истакна судијката Софче Гавриловска.
Обвинетата Јасна Ерцеговиќ , пак, е осудена на казна затвор од 4 години, а Фросина Ременски се ослободува од обвинението.
-Јавниот обвинител не докажа дека обвинетата Ременски го сторила делото за кое се гонеше – истакна судијката.
Обвинетата Христина Блажевска пак е осудена на казна затвор од една година. Таа беше ослободена од вина за кривичното дело измама, но беше прогласена за виновна за помагање за извршување на делото „перење пари“. Таткото на Боки 13, Миле Јовановски, доби условна казна од две години.
Правното лице Меѓународен сојуз е осудено на 1 милион денари казна.
Судот пресуди и конфискација на имотна корист стекната или употребена за кривично дело.
Обвинетите се задолжени и солидарно да им ја надоместат штетата на фирмите на бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски кои, според пресудата, биле доведени во заблуда и од имотот на своите компании на Јовановски преку Македонска авторска агенција му исплатиле износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност.