„Блокови“ и „Место, многу посебно за неа“ во изведба на танчарите од Скопје танцовиот театар

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Вечерва со почеток во 21:30 часот во Македонскиот народен театар ќе се изведат кореографиите „Блокови“ на Дејан Битровски и „Место, многу посебно за неа“ на Адријана Данчевскаво рамки на фестивалот Танц Фест 2023 а во продукција и во изведба на Скопје танцовиот театар.

„Блокови“ на Дејан Битровски зборува за градење и рушење на врски и односи меѓу луѓето и општеството. Борбата на човекот и неговата мисла преточена во градење и рушење на ѕидови кои фигуративно го преставуваат менталниот склоп на општесвото и неговата поделеност. Тој како мотив зема и цитира еден стих од македонскиот пистаел Кочо Рацин кој вели „Кој ни замати извори бистри, извори на души чисти?“.

Кореографијата е во режија на Дејан Битровски а на изведбата настапуваат танчарите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска и Бобан Русески и студентите на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев”.

„Место, многу посебно за неа“ во режија на Адријана Данчевска е кореографија во два дела која ја поставува жената во примарен фокус на сцена.

– Претставата е расказ за неа, за нејзиниот прв живот. Во првиот дел се бавев со кореографска актуализација на добро познатото Болеро на Равел, каде ја користам репетицијата како појдовна идеја и ја пресликувам низ моја призма во кореографскиот текст преку групната игра. Вториот дел, го усмерив кон поинаков израз, со цел да изненади, ја менувам атмосферата, со придружба на музичката изведба во живо на Филиповски, Даутовски и Коцева, за да откријам неколку интимни мисли на сцената – вели Адријана Данчевска.

Дејан Битровски е современ уметник, танчар и кореограф. Завршува на Скопје танцовата академија. Битровски е дел од Скопје танцовиот театар од 2014 година, каде работи како танчар и кореограф. Битровски е стручен соработник на Катедрата за современ танц при Универзитетот Гоце Делчев -Штип.

Адријана Данчевска е танчар, кореограф и доцент на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип. Таа е една од првите кореографки на Скопје танцовиот театар, каде активно учествува и како танчар во голем број продукции од основањето на компанијата.

Скопје танцовиот театар е првата официјална современа танцова компанија во нашава земја, основана во 2011 година и предводена од кореографката Рисима Рисимкин, како оснивач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата настапува на фестивали низ целиот свет, за што добива одлични критики и е препознаен како високо квалитетна компанија на светско ниво.

Share This Article