Бизнисот бара пониска акциза на горивата

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Со последните зголемувања на цената на горивата, бизнисот е ставен пред избор дали да се радува дека може да купува гориво и нормално да функционира или да бара пониска цена на горивата и да стави клуч на врата, коментираат бизнисмените кои се во шок по последното зголемување на цената на дизелот за 10 денари. Владата по синоќешната седница на економскиот совет најави мерки за ублажување на состојбата.

Бизнисите кои се во шок од вчерашната цена на горивата и што ги очекува во наредниот период, сметаат дека главна мерка која треба да ја донесе владата е да ја намали акцизата за да го спречи ударот врз нивното работење, зашто ако размислува за субвенции кои ќе им ги даде, дел од бизнисите нема да можат да ги користат.

– Изминатиот период нѐ подготвуваа дека ќе нема гориво на бензиските пумпи за да ни кажат дека отсега секој ден ќе имаме нова цена и да помислиме дека е подобро да имаме редовно снабдување отколку да ги запреме камионите. Првата реакција на сите превозници беше дека се шокирани од повисокиот раст на цената на дизелот отколку на бензините, бидејќи тоа е нелогично бидејќи производството на бензините е поскапо. Денеска ги собираме реакциите и потоа ќе формираме став во врска со мерките на владата кои уште не ги знаеме – вели Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макамтранс“.

Превозниците го обновија барањето за намалување на акцизата за дизелот, бидејќи само на овој начин ќе можат да функционираат.

– Утре имаме средба во Министерството за транспорт и врски и очекуваме министерот да нѐ информира што планира владата во врска со нашите барања и какви мерки планира да донесе. Покрај високото учество на горивото во нашите цени (зависно од тежината на стоката која се превезува и условите на патот вчерашното зголемување на цената учествува со 40 до 60 отсто) ние имаме голем проблем што нема веќе што да возиме. На европскиот пазар никој не бара превоз од други земји, а превозот кон Русија и Украина е целосно запрен. Што значи ние ќе имаме проблем да опстанеме како превозници – додава Муратовска.

И автобуските превозници веќе размислуваат за зголемени цени на превозот поради високите цени на горивото. Тие бараат пониска акциза, но и решавање на проблемот со веќе потпишаните договори за линиски превоз.

– Со моменталната цени на нафтата ние веќе имаме поскапен превоз од 25 отсто, но тука не запираат нашите проблеми. Ние имаме договори за линиски превоз (превоз на деца во училиште, до институции и фирми) со цена од 75 денари на горивото. Сега нашите услуги се поскапени и затоа бараме владата да најде некакво решение за овие договори. Наше мислење, а тоа го бараме и од владата, дека решението со растечките цени на горивата е во намалена акциза. Дали владата ќе го прифати тоа не знам, но знам дека ќе бидеме принудени на радикално дејствување бидејќи нема да можеме да опстанеме како превозници со моментално учество од 60 отсто на цената на горивото во нашата цена. Да потсетам дека ова учество секој ден ќе расте. Да не заборавиме дека ние треба да исплатиме и повисоки минимални плати на работниците, а пари има сѐ помалку – вели претседателот на Здружението на автобуски превозници Исток, Горан Трпевски.

И овие превозници чекаат да видат какви мерки планира владата за ублажување на овој проблем.Останатиот бизнис, исто така, е погоден од цената на горивата главно поради повисоките трошоци на транспортот и актуелното загревање на погоните. Според дел од бизнисите, подобро е да има гориво и по дневно зголемување на цената, отколку да нема гориво.

– За нас е полошо да има недостиг на гориво отколку да има повисока цена на горивото, зашто тоа го забавува нашето работење. Цената на горивата го поскапе транспортот за најголемиот дел од компаниите што битно влијае на работењето и цената на нашите производи која е однапред договорена. Дополнителен проблем е и набавката на енергенси за затоплување, кој на пример во услови на мојата компанија, ако сега изнесува 100.000 евра со секојдневното покачување на цената на нафтата и дериватите ќе достигне и до 300.000 евра колку што всушност изнесува и бруто платата на работниците. Затоа, како бизниси, ние сме за тоа да имаме редовно снабдување со горива и секојдневно зголемување на цената, наспроти пониска цена, а да нема гориво – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.

- Advertisement -
Ad image

И од оваа организација се со став дека владата треба да ја намали акцизата на горивата со што ќе им овозможи нормално функционирање иако цената дневно ќе се менува.

– Не знам што планира владата, дали ќе го прифати ова барање на бизнисот или ќе подготви субвенции, но знам дека субвенциите секогаш се добиваат подоцна. Бизнисите прво треба да ја платат цената, па потоа ќе ги добијат субвенциите, но најголемиот дел од бизнисите нема да можат да ги користат бидејќи или нема да можат да издржат високи цени на горивата и ќе мора да посегнат по намалување на производството и затворање или нема да ги исполнуваат условите за добивање субвенции. Се разбира сè зависи од критериумите – вели Димитров.

Бизнисите стравуваат и од секојдневниот раст на цената на електричната енергија која непрекинато расте од крајот на минатата година. Денеска таа на грчкиот пазар достигна цена од 427 евра за мегават час и е зголемена за 52,5 отсто во однос на вчерашниот ден. Тоа, велат бизнисмените, дополнително ќе влијае на работењето на компаниите.

- Advertisement -
Ad image

Синоќа во Владата заседаваше и Економскиот совет кој ги разгледуваше сите можности за дефинирање нови мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и треба да излезе со предлог мерки за поддршка на граѓаните и бизнисите.

– Беа разменети мислења, сугестии и предлози околу потребните мерки што како државна помош треба да бидат земени предвид при креирањето на политиките за ублажување на последиците од најдлабоката криза во современата историја – соопшти владината прес-служба.

Какви мерки планира владата се очекува да се види деновиве, по што и бизнисите и граѓаните ќе знаат што ги очекува во следниот период.

Share This Article