More

    Бизнисот бара да се забрза процедурата за увоз на работници

    spot_img

    Текстилни фирми се затвораат бидејќи работниците си даваат откази и заминуваат на сезонска или на трајна работа во странство. Работодавачите излезот од оваа ситуација го гледаат во увозот на работници или во инвестиции за осовременување на производството.

    Од секторот велат дека моментално на удар се малите фирми, но ако не се забрза процесот на вработување странци, на удар ќе бидат и поголемите фирми бидејќи нив им претстои бран на пензионирање на работниците.

    – Неколку помали фирми затворија бидејќи не можат да најдат работници за да ги заменат оние што заминаа на сезонска работа или трајно се иселија во странство. Сега се обидуваат да се испробаат во други дејности. Проблемот со работници во текстилниот сектор трае со години, но во последниот период процесот се забрзува бидејќи дел од работниците ги напуштаат работните места и поради задолженост со кредити чии камати се зголемија како резултат на мерките за намалување на инфлацијата. Нови работници не можат да се најдат и покрај тоа што на бироата има невработени, бидејќи младите не сакаат да работат во текстилот иако и овде може да се земе плата повисока од просекот. Има работнички кои заработуваат и по 30.000 денари, но таа плата треба да се заработи со работа. Нам ни останува да увеземе работници или да ја зголемиме продуктивноста со купување посовремени машини кои ќе заменат неколку работници – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе.

    Тој додава дека дополнителен проблем е и тоа што голем број од работничките кои останале се пред пензионирање и дека нивната замена ќе оди тешко.

    – И кај нас во „Мода“ состојбата е слична. Имаме голем број работнички кои треба да се пензионираат во наредните години зависно од годината на вработување. Ни останува прво да се обидеме со преквалификации и доквалификации да обезбедиме работници, а потоа во опција е ангажирање странци или осовременување на производната технологија. Тоа значи една машина да замени неколку работнички – вели Димитров.

    Проблем со недостиг на работници има и во другите сектори. Има недостиг од обични работници, па сѐ до високостручен кадар.

    – Во Организацијата на работодавачи веќе се подготвуваме за ангажирање странци и очекуваме владата да ги поедностави процедурите кои се доста сложени и скапи за сите странци кои сакаат да дојдат во земјава да работат. Моментално не се подготвени ниту нашите претставништва во странство да го реализираат процесот брзо поради сложеноста на процедурите. На пример, за да дојде работник од Непал или од Индија потребно е тој да поднесе документи во нашите амбасади на македонски јазик и да чека да добие виза за престој, па дури потоа да бара работа овде и ако најде да бара дозвола за работа. Сето тоа чини пари и време, а процесот треба да биде брз. На оваа тема, неодамна имавме дискусија и во Организацијата на работодавачи на која повикавме врвни адвокати и претставници од швајцарската агенција за мигранти кои сакаат да учествуваат во овој процес и да помогнат во олеснување на процедурите – вели тој.

    Според него, државата треба да ги укине квотите за вработување странци кои се мали во однос на побарувачката од работници.

    – Лани побаравме да се удвојат квотите, но не се прифати тоа, па голем дел од високостручен и управен кадар во странските инвестиции не може да биде ангажиран поради исполнување на квотите. Имаме апсурд, странски инвеститор да изгради погон во земјава, а поради потрошени квоти да не може да работи во својата фирма, односно да ја управува. Мислам дека квотите треба да се укинат, не само од ваквите причини, туку и поради можноста административците кои работат на работните дозволи да бидат подложни на корупција поради големата побарувачка на дозволи за работа – вели Димитров.

    И Маријана Перковска од текстилниот кластер вели дека треба брзо да се дејствува и да се овозможи вработување на странци, но пред тоа треба да се донесе посебен закон со кој ќе се регулира ова прашање, а државата не треба да очекува дека ќе се збогати од ангажманот на странски работници.

    – Земјите од регионот веќе го направија тоа и овозможија слободен увоз на работници и ние треба да ги следиме. Државата треба да знае и дека економијата не е во состојба дополнително да издвојува за вработување на странците. Ако државата мисли дека странските работници треба да го полнат буџетот, се лаже, бидејќи економијата веќе е во многу лоша состојба. Треба да ги имаме предвид искуствата од другите земји и пред сè да одговориме на прашањето дали нашите работници кои заминуваат во странство работат 8 или најмалку 12 и повеќе часови. Зошто би биле ние поразлични? Тоа треба да се примени и кај нас, за да се добие поголем ефект од ангажманот на странците – изјави за Плусинфо неодамна Перковска.

    Дополнителен проблем за текстилната индустрија кој може да резултира и со натамошно затворање на фирмите е и влошената состојба во германската економија и намалувањето на побарувачката таму. Проблемот велат од секторот ќе биде актуелен за 6 до 12 месеци.

    – Кај нас проблемите доаѓаат 6 месеци подоцна отколку кај другите сектори бидејќи работиме по сезони. Така беше и во ковид кризата во 2020 година. Кога сета индустрија во 2021 година тргна напред, кај нас се почувствува одгласот на кризата од претходната година. Моментално има работа, бидејќи имаме нарачки од нашите партнери во Германија. Сè зависи од тоа колку состојбата во Европа и посебно Германија ќе биде лоша и како тоа ќе се одрази на потрошувачката на домаќинствата таму – вели Димитров.

    Само за три месеци бројот на вработени во преработувачката индустрија, каде што се вбројува и текстилниот сектор, е намален за 2.556 работници.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img