Една од најстарите локални телевизии во земјава ТВ Вис од Струмица, која од 2013 година зрачи како регионален медиум на југоистокот од земјава, од пред една недела има нов сопственик, пишува Призма.мк.
Централниот регистар ја впиша струмичката градежна фирма „Синерџи Груп Инженеринг ДОО“, основана лани, како нов сопственик на телевизијата Вис, на местото на досегашниот сопственик Димитар Мицев. Сопственици на „Синерџи груп“ се Васко Јорданов и Никола Милушев, кој пак е зет за сестра на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов. Таткото на Милушев исто така работи во Општина Струмица.
Покрај уделот во „Синерџи груп“, Милушев има удел и во уште една градежна компанија „Елит билдинг“ основана минатата година, а косопственик со Јорданов е и на автошколата „Сити старт“, исто така регистрирана во 2022 година. „Синерџи Груп“, пак, е косопственик на уште две други нови фирми што влегле во бизнисот со струја: „Еко солар енерџи“ и „Солар груп енерџи“.