Стопанската комора на Македонија бара од владата да ја запре постапката за донесување на Законот за данок на солидарност затоа што е селективен, создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори и ги дестимулира успешните компании.
Комората, во која членки се и компании од групацијата Феро Инвест и БРАКО, донесе заклучок со забелешки и предлог до Владата, кој го достави и до јавноста:
„Во врска со Предлогот на Законот за данок на солидарност, Стопанската комора на Северна Македонија изминатиот период во континуитет укажува дека носењето на вакво законско решение за измината фискална година (конкретно за 2022 година), создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека правната сигурност е еден од врвните приоритети за кои се залагаме како застапувачи на интересите на бизнис заедницата во земјата.
Стопанската комора на Северна Македонија, која ги застапува компаниите кои создаваат половина од вкупниот приход во приватниот сектор, компании кои генерираат речиси половина од нето добивката во приватниот сектор и компании кои вработуваат повеќе од една третина од вработените во приватниот сектор уште еднаш ги афирмира своите забелешки во однос на Предлог-законот за данок на солидарност и укажава на следното:
– Селективен пристап, затоа што се опфатени само поголемите компании кои остваруваат приход поголем од 615.000.000 денари;
– Се врши оданочување на добивката што ја оствариле компаниите, независно дали истата е резултат на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или е резултат на нивното работење, односно резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл.;
– Дестимулирање на успешните компании, кои се инвестициски ориентирани, односно во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години.
– Ефектот кој се очекува од примената на истиот, во смисла на обезбедување на дополнителни средства во државниот буџетот, може да изостане за делот на добивката на компаниите кои се корисници на државна помош, од причина што ќе се намали нивниот индивидуален износ на доделена државна помош, и по тој основ нема да се зголемат приходите во буџетот.
– Ваков данок, кој се носи ад хок, во втората половина на деловната година создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори.
Во таа насока Клуб 100, како најрепрезентативно тело на раководење во Стопанската комора, ја повикува Владата на РС Македонија да го повлече Предлог на Законот за данок на солидарност и со тоа да покаже сериозен однос кон укажувањето на најголемата и најбројна бизнис асоцијација во државата. Исто така, сакаме да напоменеме дека е јасна намерата на Владата на РС Македонија дека овој закон сака да го протне со европско знаме, кој ќе нанесе поголема штета него добро“, велат од Стопанската комора на Македонија и од Клуб 100“ – се вели во соопштението на Комората.
Комората испрати и фотографии од потпишаната иницијатива упатена до Владата.