Аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, кој беше прогласен за најдобар голман на Мундијалот во Катар, откако ја прими Златната ракавица направи еден неочекуван и безобразен гест. Трофејот, кој сосема го заслужи, го стави во улога на полов орган и го покажа кон публиката, со израз на нескриено задоволство.
Потегот можеше да се протолкува само како дрскост и триумфализам, единствено не беше сосем јасно кон кого беше упатен.
Ако беше наменет за Французите, за чиј пораз несомнено многу придонесе со своите брилијантни одбрани, особено при изведувањето на одлучувачките пенали во финалето, тоа не беше нималку спортски гест од носителот на наградата.
Ако пак гестот е наменет кон организаторите на Мундијалот, тој може да предизвика дипломатски скандал во пуританскиот и конзервативен Катар.
Ако пак овој потег е порака на Мартинез до светските фудбалски власти, кои ги следат финансиски и коруптивни скандали, поврзани дури и со ова првенство во Катар, тој може дури и да му ја зголеми популарноста кај фудбалските фанови.