Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска информира дека падот на стапката на инфлација продолжува и во месец јули 2023 кога е измерен раст на трошоците за живот од 8,4%.
Битиќи на Фејсбук соопшти дека Владата максимално посветено работи со сите расположливи мерки истата да ја сведе на минимум до крајот на оваа календарска година, со цел да го заштити стандардот на граѓаните.
Според него, овие бројки се во согласност и со Владините проекции со кои се предвидува просечната инфлација за 2023 да изнесува 8,9%.
Вицепремиерот истакна и дека Владата посветува големо внимание и на креирање на позитивна бизнис клима, каде компаниите ќе бидат мотивирани да исплаќаат компетитивни плати чиј раст на годишно ниво ќе биде далеку над растот на трошоците на живот.
„Растот на просечната плата очекувам и понатаму да продолжи со двоцифрени стапки, и секако да биде значително над растот на трошоците на живот, што во превод би значело и реален раст на куповната моќ на нашите сограѓани“, пишува Битиќи.