Платите во јавниот сектор се регулирани со преку 200 различни акти – закони или подзаконски акти и морам да признам дека некој сакал намерно да не води грижа. Решението е иста методологија за плати за сите во јавен сектор, посочи денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Зошто е тоа направено може самите да донесете заклучок, но мојот заклучок како граѓанин на оваа држава е како некој намерно тоа го има направено за да нема систем и одржливо решение, туку да има алатка во која што ќе манипулира со животите на луѓето во нашата држава. Ние во овој момент сме при крај со преговорите со синдикатите за општиот колективен договор и новата методологија на плата којшто понатаму ќе се усогласи со сите закони во државата. За жал, морам да признам дека некој сакал намерно да не води грижа во нашата држава за регулирање на системот за плати во јавниот сектор – рече Битиќи пред почетокот на Македонско-финскиот бизнис форум во организација на Стопанската комора.
Тој посочи дека се согласува со синдикатите основот за пресметка на плата да биде просечната плата и што поскоро да почне да се исплаќа зголемената плата.
– Мислам дека синдикалните организации веруваа дека нема да го прифатиме тоа. Ние на последната средба го прифативме нивниот предлог. Секако бидејќи беше само предлог без никакви финансиски калкулации ние рековме дека сите заедно треба да ги дефинираме коефициентите на сложеност на сите работни места во целиот јавен сектор. Јас сметам дека треба што побрзо тоа го направиме и веднаш треба да почнеме да гледаме според можностите тоа да го спроведеме и од оваа година – рече Битиќи.
Не може да има очекување, додаде, дека ние веднаш ќе стигнеме до вистинската цел, а тоа е целосно зголемени плати денеска, сега за 50, 60, 70, 80%, како што веруваат синдикалните организации.
– Напротив, тоа е период на прилагодување кој би требало да почне најбргу што е можно да се аплицира. Секако сите сме свесни за се што имаме како предизвици во нашата економија и затоа сметам дека местото на договарање е дијалогот на Економско-социјалниот совет и ниедно друго место – рече Битиќи.
Решението, како што кажа, е иста методологија за плати за сите во јавен сектор.
– Тоа значи и за мојот сограѓанин којшто работи на најниското работно место и за претседателот на државата вклучувајќи го и премиерот на државата – иста методологија за плати која што ќе биде усогласена со синдикати. Кога тоа ќе го направиме праведноста, правичноста и солидарноста ќе биде покажана на дело – посочи Битиќи.
Кажа дека негова желба е да имаме системско решение како за Законот за минимална плата и за Законот за пензии.
– Сметам дека во нашата дражва беше доволно уценување и преговарање за плати или дали треба и колку треба луѓето да бидат платени. Еднаш засекогаш мораме да се грижиме да носиме системско решение. Тоа е новиот дух на креирање на решенија и политика во нашата земја – истакна Битиќи.
Тој додаде дека треба уште малку време да дојдеме до системско решение, но додаде дека отпорот е голем од сите чинители затоа што, како што рече, не сме навикнати на системско решавање на проблемите.
-Навикнати сме секогаш да имаме со нешто да преговараме и со нешто да уценуваме некого и затоа јас во една прилика на Економско-социјалниот совет кажав – драги мои синдикалци да го решиме еднаш засекогаш проблемот со платите. Почнете да се занимавате со добри побитни работи во нашата земја, а тоа е со другите права на работниците, со подобри услови за работа, со подостоинствен третман на работниците на секое работно место. Има мноштво на други работнички права коишто синдикалците може да ги застапуваат, не секогаш, секоја година да зборуваме само за плати – потенцира Битиќи.
Прашан со кој закон вработените во Министерството за финансии добија ретроактивно зголемувања од 30 отсто, прецизира дека тоа е направено согласно со Законот за органско буџетирање и додаде дека не е ретроактивно исплатено, бидејќи законот стапил на сила од 1 јануари годинава и за него имало барање за автентично толкување од Собранието што е направено во меѓувреме поради што се исплатени зголемените плати.
-Тоа е закон којшто еднаш засекогаш треба да дефинира низа на работи во делот на управување со јавните финансии, меѓу кои предвиденото решение било такво какво што е сега во овој момент во Министерство за финансии. Тоа предвидено решение, инаку Закон за органско буџетирање беше скоро три години во собраниска процедура. Се случи да се изгласа некаде пред Нова година и секако треба да се спроведе од 1 јануари – посочи Битиќи.
За вработените во Управата за јавни приходи, кои исто така бараат зголемување на платите за 30 отсто, рече дека се даночни работници и оти нивната дејност е дефинирана под друг закон.