Во ДУИ преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските, заради логиситички, финансиски и административни причини, вели за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.
Според него, партијата сè уште нема официјален став во однос на ова прашање, но се прават, како што вели, координации на дневна основа и сите опции се отворени.
Османи велидека ДУИ очекува да се реализира политичкиот договор со СДСМ во последните 100 дена пред избори Владата да ја води премиер Албанец, отфрлајќи ги како неточни јавните наводи дека технички премиер би можел да биде Фатмир Битиќи, кадар на СДСМ.
Османи потврди дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе присуствува на министерскиот совет на ОБСЕ, што ќе биде прва посета на шеф на американската дипломатија во Македонија по онаа на Колин Пауел во 2001 година.