Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата кои одат директно на штета на семејниот буџет на граѓаните, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по денешниот состанок со претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата Владимир Наумовски.
– Постојат реални околности кои укажуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи, со што го контролираат и ограничуваат нивното слободно пазарно формирање, а со цел зголемување на нивната добивка. Оваа пракса оди директно на штета на граѓаните и производителите, и ова нема да го дозволиме – изјави вицепремиерот Битиќи.
Според него, донесувањето на Законот за нефер трговски практики е решението за ваквото однесување на пазарот.
Тој додаде дека податоците во овој момент не укажуваат дека се потребни мерки кои директни би требало да го помогнат стопанството., но како што рече, се прават анализи дали можеби ќе има потреба од такви мерки.
– Антикризните мерки не се носат за трговците, за да нешто некој некаде калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните, да им се помогне на тие кои најмногу денес им е потребно. Сакаме да се справиме со последиците затоа што причините институционално ќе ги решаваме. Последиците се тие, денес штетата најголема ја трпат крајните корисници и затоа сметаме дека треба таму да се насочиме со мерки – рече Битиќи.
Тој очекува дел од мерките да почнат да се применуваат од ноември.