Поранешниот американски претседател Бил Клинтон во интервју за ирскиот „RTÉ news“ изјави дека жали поради тоа, бидејќи во 1994 година ги уверил украинските власти дека треба да се откажат од нуклеарното оружје.
– Ако Киев имаше нуклеарно оружје, Русија немаше да ја нападне Украина – рече Клинтон.
– Чувствувам лична одговорност бидејќи ја натерав Украина да се откаже од своето нуклеарно оружје. Никој од нив не верува дека Русија би направила таков избор доколку Украина сè уште го имаше тоа оружје – смета тој.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Украина стана трета по големина нуклеарна сила во светот. Но, во 1994 година, по разговорите меѓу Соединетите Американски Држави, Русија и Украина, Клинтон објави дека Украина се согласила да го отстрани нуклеарното оружје од нејзината територија.
Украинскиот претседател Леонид Кучма, рускиот претседател Борис Елцин, американскиот претседател Бил Клинтон и британскиот премиер Џон Мејџор го потпишаа Меморандумот од Будимпешта, според кој Украина се согласи да го отстрани нуклеарното оружје од својата територија, во замена за безбедносна гаранција од потписниците: САД, Обединетото Кралство и Русија.
– Знаев дека претседателот Путин не го поддржа договорот на претседателот Елцин кој никогаш да не се мешаше во територијалните граници на Украина, договор што тој го направи, бидејќи сакаше Украина да се откаже од своето нуклеарно оружје – рече Клинтон.
– Украина се плашеше да се откаже од нуклеарното оружје, бидејќи мислеа дека тоа е единственото нешто што ги штити од експанзионистичка Русија – додаде тој.
Во февруари 2014 година, Русија го нападна и го гаѓаше украинскиот полуостров Крим, прекршувајќи го, меѓу другото, Меморандумот од Будимпешта.
– Кога му одговараше, претседателот Путин го прекрши меморандумот и го зазеде Крим. Се чувствувам ужасно поради тоа, бидејќи Украина е многу важна земја – вели Клинтон.
Тој нагласи дека поддршката на Западот за Украина мора да остане цврста.
– Она што го направи Путин беше многу погрешно и мислам дека Европа и САД треба да продолжат да ја поддржуваат Украина – заклучи поранешниот американски претседател.