Украина во овој момент не треба да прима крстосувачки ракети „Таурус“ од Германија, рече канцеларот Олаф Шолц (СПД) и објасни дека во спротивно Германија ризикува да биде вклучена во војната.
– Во никој случај и никаде не смееме да бидеме поврзани со цели кои овој (ракетен) систем може да ги погоди – рече Шолц за време на гостувањето на уредничката конференција на германската новинска агенција ДПА и додаде:
– Неопходно е да биде вака јасно (кажано). Изненаден сум што некои луѓе воопшто не го менуваат ставот по ова прашање и не размислуваат дали тоа што го правиме во одредена смисла може да доведе до учество во војната – рече германскиот канцелар, пренесува Дојче веле.
„Таурус“, што во превод значи бик е една од најмодерните ракети на германското воздухопловство. Ова прецизно оружје може да погоди цели на оддалеченост до 500 километри. Москва се наоѓа во тој радиус од руско-украинската граница.
Украинската влада уште во мај минатата година побара испорака на „биковите“ со цел да ги искористи за да ја таргетира руската логистика далеку зад линијата на фронтот.
Опозициските германски демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) се меѓу оние кои бараат ракетите Таурус да ѝ бидат испорачани на Украина. За ова силно се залагаат и коалициските партнери на социјалдемократите (СПД) на Шолц – Зелените и либералите (ФДП).
Сепак, резолуцијата со која се бара испорака на ракетите минатата недела не доби мнозинство во парламентот на германскиот Бундестаг.
Шолц уште во октомври одлучил дека засега нема да ги испрати „биковите“ во Украина, но сега за првпат јасвно ги објасни причините за својата одлука.
Тој ја коментираше и шпекулацијата дека Французите и Британците пробуваат да го намалат дострелот на своите ракети „Скалп“ и „Сторм сенка“ со тоа што ги репрограмираат пред да ги испратат.
– Тоа што го прават Британците и Французите во однос на контролата на целта не може да се направи во Германија. Сите што го познаваат тој систем го знаат тоа – нагласи германскиот канцелар.
Истовремено, тој го изрази своето изненадување што постојано се поставува ова прашање.
– Она што го прават другите земји, кои имаат различни традиции и различни уставни институции, е нешто што ние не можеме да го правиме на ист начин – подвлече канцеларот.
Третина од граѓаните се скептични околу тоа дали Германија прави премногу во однос на Украина. Според канцеларот, би било корисно и тоа да биде „предмет на дискусија во одреден момент“. Ова, вели тој, исто така би било неопходно за да може да се одржи поддршката доколку војната продолжи долго време.