Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси, кој со Аргентина ја освои титулата светски шампион на неодамна завршеното Светско првенство во Катар, е прогласен за светска спортска ѕвезда на годината за 2022 година, по избор на Би-би-си.
Меси (35) ја предводеше Аргентина до нивниот прв триумф на Светското првенство по 36 години.
Напаѓачот на ПСЖ ја освои и Златната топка, која му се доделува на најдобриот играч на турнирот, откако постигна седум гола на неговиот петти Мундијал.
Во финалето Меси постигна два гола, а реализираше и пенал во престрелката кога Аргентина на пенали ја победи Франција со 4:2 по возбудливите 3:3.
На тој начин тој ја додаде најголемата награда во фудбалот на својата листа на трофеи, која вклучува седум титули на Златна топка – кои се доделуваат на најдобриот фудбалер секоја година – четири Лиги на шампиони, една Копа Америка, десет титули во шпанскиот шампионат со Барселона и Шампионска титула на Франција со ПСЖ.
Покрај тоа, тој постигна неверојатни 793 гола во кариерата.
„Сите сонуваат за тоа кога се мали. Имав среќа да постигнам се и она што ми недостигаше, го најдов тука“, изјави Меси по подигнувањето на трофејот на Светското првенство во неделата.