Стоковите резерви се стабилни, Буџетот е ликвиден, а денеска на Седница на Економскиот совет заедно со надворешни експерти ќе се дискутира за сет мерки на кои веќе се работи, меѓу кои и мерки во делот на цената на електричната енергија, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими за „Тема на денот“ што се емитуваше вчеравечер на Сител телевизија.
„Ние имаме најниски цени во регионот, но тоа не значи дека не работиме на можни мерки. Веќе се работи на дизајнирање мерки за справување со кризата како резултат од порастот на цените на прехранбените производи и на енергенсите, особено зајакнати по руско-украинската војна. Утре на Економски совет на Владата, свикан од претседателот на владата, во проширен состав заедно со надворешни експерти кои ќе дадат свој придонес ќе се дискутира за предлози на можни решенија кои ќе следат, за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството“, рече вчеравечер Бесими.
Тој притоа додаде дека, варијабилната акциза на горивата предвидена со последните измени на Законот за акцизи во моментов, дава ефект за ублажување на ценовниот шок. Дополнително во делот на енергесите, со последните измени на Законот за царинска тарифа се намали царината на природниот гас на нула, а во Собрание е Закон за измени на Законот за Данокот на додадена вредност со кој во делот на природен гас, ДДВ наместо да се наплатува при увоз, би се наплатувал при промет во земјата.
Стоковите резерви како што рече министерот се стабилни, има доволно државни резерви и во моментов нема потреба од нивно ставање на располагање. Тој потенцира дека уште од првиот ден од нападот, одржана е итна седница на Владата на која се разгледани сите аспекти, а како една од точките за кои се дискутирало било и за стоковите резерви.
„Има доволно и на соодветно ниво на државни резерви, но и потребни количини на пазарот. Преку Министерството за земјоделство имаме информации колку резерви има од трговците и апсолутно нема простор за шпекулации“, вели тој.
На прашањето дали во Буџетот се предвидени средства за исплата на ветеното зголемување на пензиите од илјада денари по месец, министерот вели дека во моментов Пензискиот фонд е ликвиден и планираните средства ќе се исплатат од таму, а понатаму зголемувањето на пензиите ќе биде покриено со ребаланс на Буџетот за 2022.
Притоа, како што нагласи министерот, зголемувањето на пензиите нема да подразбира зголемување на придонесите.
Јавниот долг согласно стратегијата за управување со јавен долг до 2026 е планирано да се намали на 56,5% од БДП. Буџетскиот дефицит до 2026 треба да се намали до 2,2% од БДП. Значајно е што во Собрание е Законот за буџети со којшто се предвидуваат фискални правила за буџетски дефицит до 3 проценти и јавен долг до 60 проценти.