Државата во наредниот месец ќе ги издаде првите обврзници наменети за граѓаните. Се прават последните подготвки за издавање на овој финансиски инструмент на кој се работи веќе две години. Граѓанската обрзница ќе биде двегодишна, на износ од минимум 10.000 денари, со каматна стапка која ќе биде дефинирана во наредиот период. Ова го соопшти денеска министерот за финансии Фатмир Бесими на средба со новинарите.
„Целта на издавањето на граѓанската обврзница не е ликвидност на Буџетот. Издавањето на оваа обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст, а граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023 година, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој додаде дека подготовките за издавањето на граѓанската обврзница се одвиваат две години и дека сега се исполнети и поволни предусловите за нејзиното издавање, а придобивки ќе имаат и државата и граѓаните и економијата.
„Од издавањето на граѓанската обврзница ќе имаат придобивки и граѓаните и државата и економијата. Граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите пари и да ја заштитат нивната вредност. Државата на тој начин ќе обезбеди финансирање по пониски стапки од она што е на меѓународните пазари, а средствата ќе бидат искористени за развојни проекти, што ќе има позитивно влијание и врз економијата“, потенцира министерот за финансии.
Идејата, додаде Бесими, е граѓаните да станат свесни за значењето на инвестирањето. Парите коишто не се инвестираат во услови на инфлација ја губат вредноста.
Тој додаде дека се очекува во оваа година да се емитуваат граѓански обврзници во износ од 50 милиони евра, а каматната стапка дека ќе биде повисока од онаа на депозитите во банките, но пониска од она што се задолжува државата на финансиските пазари.
Не очекува дека ќе има негативно влијание врз депозитите што се чуваат во банките. Граѓаните, како што рече, ќе имаат поголема корист ако ја инвестираат готовината во државни обврзници, а депозитите да ги остават во банките.
„Со ова нудиме дополнителен финансиски инструмент, кој е дел од Стратегијата за развој на пазарот на капитал. Покрај граѓанската предвидени се и развојни, зелени и проектни обврзници. Сите се насочени кон обезбедување инвестиции за равојни проекти и повисоки стапки на економски раст“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.