Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека трезорот ќе работи и ќе се вршат сите буџетски плаќања и покрај најавите за блокади од вработени во Министерството за финансии – членови на Синдикатот на УПОЗ, а како реакција на времената мерка од Уставниот суд со која се запре исплатата на надополнувањето за 30% на нивните плати.
-Има закон и никој не може да ги прекине работите што се од јавен интерес. Тоа е кривично дело. И да има штрајк има точни прописи во законот како се спроведува штрајкот, кога дел од вработените дежураат, а дел штрајкуваат. Меѓутоа, во ниту еден случај нема да има штрајк или некој да не прима плата, или некој да не изврши плаќања од Буџет или трезор. Тоа ниту било прашање, не знам дали имало таква комуникација, но сакам да биде јасно – ниту некој од вработените во финансии, и затоа јас ги почитувам нив, нема таква најава, ниту некој помислил дека ќе го затвори Трезорот и нема да работи. Тоа нема да се случи. Граѓаните и стопанството и сите меѓународни институции треба јасно да знаат дека во финансии нема таков вработен што ќе го затвори трезорот. Сите ќе функционираат, ликвидноста ќе функционира, а правата ќе ги оствариме согласно законите, отворени сме да разговараме со нив – рече Бесими.
Бесими рече дека смета оти кадрите на финансискиот пазар треба да имаат соодветна плата, но вели дека одлуката е на Уставен суд којшто е независна институција од извршната власт.
-Има времена мерка и во период додека трае времената мерка и нема конечната одлука не може да пристапат кон потпишување колективен договор на хипотетичка ситуација – рече Бесими, на прашање по прес-конференцијата во Владата.
Тој додаде дека правото на организирање синдикати и колективни договори е регулирано со нашите закони.
-Ги охрабруваме тие што сметаат дека така ќе ги реализираат правата да го направат тоа согласно закон – рече Бесими.
Вработени во Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки – членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), од вчера протестираат поради времената мерка со која им се стопира исплатата на зголемувањето на платите за 30%.
Тие најавија дека „постои опасност од затворање на трезорот, доколку Уставниот суд одлучи да се запре надополнувањето на платите за 30%“. Исто така, работата на Бирото за јавни набавки да прекине, со што ниту една институција во државата нема да може да набави што било, а Управата за имотно правни работи нема да ги работи експропријациите.
Уставниот суд поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30% на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот. Како што информираа од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не се произнесе.