Бројот на луѓе од Западен Балкан кои досега можеа да работат и да престојуваат во Германија со бенефиции, благодарение на посебните прописи за шест земји во регионот, ќе се преполови, се согласи новата владејачка коалиција во Германија на демохристијаните и социјалдемократите.
Олеснувањето за Западен Балкан беше воведено во 2010 година за да се избегнат луѓето од тој регион да бараат азил во Германија без основа.
Контингент работници од Западен Балкан. имено од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, кои можеа да ги користат овие поволности, првично беше ограничен на 25.000, а потоа се зголеми на 50.000.
Таа промена стапи на сила на 1 јуни 2024 година.
Новата владејачка коалиција на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), нејзината баварска сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ) и социјалдемократската СПД сега се согласија со коалициски договор повторно да го преполови контингентот на 25.000 лица, јавува денеска агенцијата ДПА.
Заклучно со 30 ноември 2024 година, 79.594 лица престојувале во Германија со легални дозволи за престој и работа издадени врз основа на овие прописи за Западен Балкан. На крајот на 2023 година, тој број беше околу 70.000.
Меѓу тие работници имало најмногу луѓе од Косово, околу 20.000. Следува Босна и Херцеговина со нешто помалку од 16.100, а по неа е Северна Македонија со околу 14.200.
Основен услов беше заинтересираните граѓани од Западен Балкан, вклучително и работниците без професионална квалификација, при поднесување на барање за работна виза до надлежното дипломатско-конзуларно претставништво во нивната земја, да докажат дека веќе имаат договор за вработување со иден работодавач во Германија.
На 23 февруари годинава во Германија се одржаа предвремени парламентарни избори, по кои беше договорена таканаречена голема, црно-црвена коалиција, а коалициските партнери долго преговараа за голем број теми. Една од темите на која особено инсистираа демохристијаните беше ограничувањето на миграцијата.