Лидерот на албанските демократи Сали Бериша денеска беше нападнат за време на протестот што се одржува во Тирана, каде се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан. Бериша беше удрен со бокс во лице, од 25-годишен маж, кој присутните, го оттргнале и го претепале па е пренесен во болница.
Бериша, иако беше удрен во лицето, излезе на говорницата и ги поздрави учесниците велејќи „ништо на светот нема да ги порази народот и опозицијата”.
– Ништо на светот не може да нè победи нас, луѓето на опозицијата, луѓето на победата. Долу Еди Рама, долу криминалците, ќе победиме. Да живее албанската опозиција. Голема почит што сте овде денеска за да протестирате против режимот на криминалците. Ви благодарам многу.
Протестот се одржува во близина на хотелот „Дајти”, а учествува и лидерот на Партијата на слободата Илир Мета.
Демонстрантите не се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и оградата која е поставена на булеварот „Народни херои”, каде целосно е забрането движењето.
Учесниците извикуваат „Рама оди си”, „Рама мафија” а оние кои се обратија кажаа дека не се против ЕУ туку за и оти ова е начин да им ја кажат на европските лидери вистината за Албанија „заробена од мафијата предводена од Рама”.