Хакерска група која Иран ја обвинува дека има врски со Израел соопшти дека извршила сајбер напади што го прекинале сервисот на бензинските пумпи низ Иран, објавија иранската државна телевизија и израелските локални медиуми.
Околу 70 отсто од бензинските пумпи во Иран престанаа да работат поради компјутерска грешка, објави во понеделникот министерот за нафта Џавад Ојви.
„Најмалку 30 отсто од бензинските пумпи работат, а останатите постепено ги решаваат прекините во сервисот“, објави Овји на телевизија, велејќи дека можна причина е надворешно мешање.
Иранската државна телевизија објави дека групата „Грабливи врапчиња“ соопшти дека стои зад прекинот. Израелските локални медиуми исто така го пренесоа тврдењето.
Иранската агенција за цивилна одбрана, која е одговорна за сајбер безбедноста на земјата, соопшти дека сè уште ги истражува сите можни причини за нарушувањето, пишува SRNA. Медиумите објавија дека оваа хакерска група во минатото тврдела дека извршила сајбер напади врз бензинските пумпи, железничките мрежи и фабриките за челик во Иран.
„Потврден е софтверски проблем во системот за гориво на некои станици низ земјата, а експертите моментално го решаваат проблемот“, рече Реза Навар, портпарол на Иранската асоцијација на бензински пумпи, пренесува HINA.
Државната новинска агенција Фарс пишува дека не е исклучена можноста за сајбер напад. Таков напад се случи на крајот на 2021 година, кога беше прекината продажбата на гориво и се формираа огромни редици низ цел Иран. Техеран потоа ги обвини Израел и САД.