Втората тенисерка на светската ВТА листа, Белорусинката Арина Сабаленка соопшти дека добила британска виза и дека ќе игра на Вимблдон. Сабаленка и другите играчи од Белорусија и Русија, се мачеле да добијат виза за Велика Британија за да го играат Вимблдон кон крајот на ова лето. Но, Белорусинката потврди дека годинава нема да го пропушти лондонскиот Грен слем турнир.
– Имам виза. Ваууу! Можам да прославам. Одам на Вимблдон и тоа е одлична вест. Многу сум возбудена. Навистина сакам да играм таму. Навистина уживам во атмосферата. Навистина ми недостасуваше минатата година Вимблдон, и да, едвај чекам да се вратам и да го покажам мојот најдобар тенис – изјави Сабаленка.
Арина Сабаленка која во моментов е на второто место на ВТА ранг-листата, вчера загуби од Мухова (Чешка) во полуфиналето на Грен слемот Ролан Гарос.
Белоруските и руските тенисери добија забрана за настап на Вимблдон во 2022 година поради тековната војна против Украина. Вимблдон ја смени таа одлука претходно оваа година, отворајќи го патот за сите играчи да бидат поканети под услов Белорусите и Русите јавно да не ја поддржуваат војната.
Грен слем турнирот на Вимблдон годинава ќе се игра од 3 до 16 јули.