Белгиската Влада попладнево ги презентираше мерките за помош на граѓаните и компаниите во пресрет на престојната има, а премиерот Александер Де Кро повторно апелираше до ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
По кризниот состанок на Владата одлучено е да се задржи намаленото ДДВ на гасот и струјата на шест отсто, да се прошири социјалната тарифа, да се побара од банките да вложат напор и да не вршат притисок врз задолжените граѓани, како и да им се помогне на домаќинствата да добијат олеснување во плаќањето на фактурите на продолжен рок.
Цените на енергенсите во Белгија достигнаа рекордни нивоа последните месеци, а инфлацијата во август е речиси десет отсто, првпат по 40 години. Поради ова премиерот на Белгија, Де Кро свика итен координативен состанок на Владата денеска, а уште еден ќе се одржи во текот на септември.
Една од клучните мерки кои ја бараат повеќе коалициски партнери е блокирањето на цените, но и оданочување на огромните профити на енергетските компании. Во овој дел, Де Кро уште еднаш побара ова да биде сторено на ниво на ЕУ за да има ефикасност.
– Важно е што имаме социјална тарифа која ја користи 20 отсто од населението, и го намаливме ДДВ-то, тие мерки помагаат, но многу сме свесни дека има луѓе кои не знаат како ќе ги платат сметките што ги добиваат, кои мораат да земат од нивната заштеда за да ги платат тие фактури. Како што реков, нема волшебно решение во моментов. Единствено решение е овие цени да бидат блокирани на европско ниво што побрзо. Гледаме дека цените во Азија се половина од тие во Европа, нема недостиг, значи сосема е возможно да се направи тоа во Европа без да дојде до недостиг на енергија – изјави белгискиот премиер Де Кро.