Белгиската компанија Avesta Baterry and Energy Engineering (АБЕЕ), ќе произведува батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево. Уште една најава за инвестиција се случи во Брисел, каде беше потпишан договорот со белгиската компанија, која треба да почне да ги гради производствените капацитети во јануари идната година, а да заврши на крајот на 2024.
Од ТИРЗ очекуваат државната помош која ќе и се даде на компанијата да се врати за три години врз основа на персоналец. Конкретни бројки не кажаа.
– Станува збор за брзорастечка компанија која вложува во напредни технологии. Севкупниот план е инвестиција од 40 милиони евра и 600 работни места. Просечната бруто плата ќе изнесува 1.500 евра. Она што особено ме радува е дека просечната возраст на вработени во оваа компанијата сега е од 30 до 35 години и тие доаѓаат од 23 националности. Компанијата привлекува таленти од цел свет и верувам дека и фабриката во Македонија ќе стане хаб во кој ќе се привлекуваат вакви таленти, особено млади луѓе – рече Јован Деспотовски – Директор на ТИРЗ
– Уверени сме дека основањето на оваа најсофремена фабрика ќе придонесе во економскиот раст на Македонија, додека се зацврстува позицијата на АБЕЕ како глобален лидер во индустријата за системи за управување со батерии – рече Ношин Омар – сопственик на компанијата АБЕЕ.
Во првата фаза се најавува вработување на 200 квалификувани работници, а максимум би се отвориле 600 работни места. Се наметнува прашањето, каде ќе се најдат овие работници со оглед на сериозниот недостиг на кадар со кој се соочува Македонија. Првично ќе се преземат работници од ТЕЦ Осломеј бидејќи до 2027 мора да се пренасочи во гасна централа, согласно регулативите на ЕУ
– Ќе се воведат такси за емисии, што не би било исплатливо после 2027, да работи РЕК Осломеј да работи на јаглен, но тоа ќе се трансформира на централа што ќе работи на природен гас, и еден дел од вработените ќе се префрлат во фотонапонските централите. Ќе има и вработени кои ќе може да бидат регрутирани и во АБЕЕ или другите компании кои ги договараме во регионот на Кичево – рече министерот за финансии.
Она што се потпиша во Белгија е само продолжение на амбициозните планови на Владата кои јавноста ги слуша изминатиот период а од кои конкретни ефекти сепак не се гледаат. Најавените инвестиции кои се продаваат со предзнак историски се уште се само до ниво на најава. На пример онаа во зоната во Тетово каде требаше да се градат електрични автомобили не е ниту започната, а беше помпезно најавувана во присуство на целата Влада.
Во срцето на Европа се случи уште една голема најава за инвестиција. Комапнијата АБЕЕ која постои од 2019-та година е специјализирана за напредни иновативни решенија за батерии за автомобилска индустрија. Во Македонија се одлучиле да инвестираат заради брзите процедури.
Инаку покрај економската делегација од Владата, во официјална посета на Брисел е и Претседателот Стево Пендаровски кој во текот на утрешниот ден треба да има официјални средби со премиерот и белгискиот крал.