И покрај воената и енергетска криза туристичките работници очекуваат подобра туристичка година од лани. Добар почеток за нив е зголемениот интерес за патување на домашните, но и на странските туристи.
Обновата на авиолиниите кон одредени европски центри и можноста преку одделни дестинации да се организираат заеднички домашни и регионални туристички тури, влеваат оптимизам дека доаѓаат подобри времиња за туризмот во земјава.
– За туристичките работници добредојдена е секоја можност за организирање патувања како од земјава, така и од странство, па така и обновата на авиолиниите до европските земји ќе значи плус во туризмот. Посебни очекувања имаме од авио-линијата Скопје-Софија и договорот за врзување на овие летови на Гуливер со летовите на националната бугарска авиокомпанија. Тука ни се отвораат можности за заеднички активности за пополнување на авионите со домашни и со бугарски тур-оператори и можност за организирање патувања до повеќе дестинации. Веќе се направени разговори и првични договори со бугарските тур-оператори и се надевам дека ќе почнат брзо да се реализираат – вели Дончо Нацевски од „Арбо Травел“.
Според него, граѓаните сакаат да патуваат без разлика дали аранжманот е со автобуски или авионски превоз.
– Нашите граѓани сè уште преферираат да патуваат во Турција, Грција и Египет бидејќи сметаат дека е безбедно, но патувања има и за многу подалечни и поскапи дестинации. Јужна Африка, Рејкјавик, Занзибар и Скандинавија се дестинациите каде што патуваат оние со подлабок џеб, но има интерес и за нив. Тоа говори дека можеби сме се вратиле на периодот од пред 10- 20 години кога патувањата беа резервирани за оние со повеќе пари – додава тој.
Нацевски вели дека и во поглед на дојдовниот туризам треба да се очекуваат резултати со оглед дека Европејците во изминатиот период покажаа голем интерес за земјава и направија голем број резервации.
– Имаше добар интерес од скоро сите европски земји, но војната направи дел од туристите да се чувствуваат небезбедно и да бараат дел од турите да се организираат наместо пролетва во август, септември и октомври. Сепак нема никакви откажувања засега – вели Нацевски.
Тој се надева дека годинава ќе биде подобра за туризмот од ланската.
Многу повеќе гости во земјава од лани очекува и Олег Маленко од охридската агенција „Вис пој“, иако тешко може да се предвиди што ќе се случува во месеците што доаѓаат.
– Во Охрид веќе има странски туристи. Деловниот туризам, семинари, конференции се во ек, но очекуваме и она што е најавено од туроператорите од странство со кои соработуваме да се реализира. Имаме најави од туристи од Белгија, Холандија и Полска. На украинските и руските туристи кои покажаа зголемен интерес за сега не сметаме, но веруваме дека барем Полјаците ќе дојдат и покрај тоа што во Полска има голем број бегалци од Украина и на домаќинствата им е наложена да примат колку што можат. До моментов нема никакви одјави на резервациите, па веруваме дека годинава ќе оствариме напредок во однос на бројот на турсити во однос на лани – вели Маленко.
Обновата на летовите на дел од авиокомпаниите и најавата дека ќе има нови авиолинии од Охрид, според него, влева оптимизам дека можеби ќе има повеќе туристи од очекуваното.
– Да добро е што ќе има авиони. Тоа значи дека ќе има странци, но и домашни иселеници кои ќе сакаат да патуваат во Охрид. Но, ако изминатите години велевме дека пандемијата и протоколите беа проблем за патување на Европејците, сега е тоа војната во Украина и несигурноста што ја создава. Да се надеваме на добар завршеток за да можеме да оствариме поголем број посети и ноќевања на странци во земјава – вели тој.
Туристичките работници, вели тој, посебно оние кои се занимаваат со дојдовен туризам, односно кои привлекуваат странци да дојдат во земјава, во изминатиот период не беа соодветно опфатени со владините мерки.
– Да се надеваме дека во овој период ќе се размисли и овие агенции да бидат помогнати од владата – додава Маленко.
Првиот човек на агенцијата за развој на туризмот во земјава, Љупчо Јаневски неодамна изјави дека се надева дека годинава ќе се надмине бројката од 2,5 милиони ноќевања и со тоа многу сериозно ќе се зголемат приходите во туризмот.
Тој очекува туристи од Холандија, Белгија, Полска, Велика Британија и Турција да бидат донесени преку одредени чартер компании. Според него, сето тоа ќе зависи од светската политичка и економска стабилност.