Украина почна да користи касетно оружје испорачано од САД, објави Белата куќа.
Портпаролот Џон Кирби им потврди на новинарите во четвртокот вечерта дека Украина почнала да го користи ова контроверзно оружје минатата недела.
Украинските сили „го користат (ова оружје) на соодветен начин“. Тие го користат ефективно и навистина има влијание врз руските одбранбени формации и нивните маневри“, рече Кирби.
Американските власти на почетокот на јули објавија дека ќе го испорачаат ова оружје во Украина, и покрај загриженоста за долгорочниот ризик за цивилите.
Најавата на САД за испраќање касетно оружје во Украина предизвика критики од невладините организации и одредени земји во светот.
Ова оружје е забрането во многу земји, особено во Европа, потписнички на Конвенцијата од Осло од 2008 година. Оваа конвенција не ги вклучува САД, Украина или Русија.
Берлин, Париз и Лондон потсетија и дека се против овој вид оружје и дека се потписници на конвенцијата.