Министерот за економија Крешник Бектеши денеска појасни дека од произведените количини на електрична енергија на ХЕЦ „Чебрен“, која допрва ќе се гради, ќе се троши во земјава согласно потребите и потрошувачката на земјата. Тој меѓутоа не кажа по која цена ќе биде таа струја.
– Секој енергетски капацитет кој е на територијата на земјата има механизми државата, според последните измени на Законот за енергетика, да направи одредени обврски за одредена количина на струја да остане во државата согласно потребите и потрошувачката. Не е иста потрошувачката во лето и зима, ќе се согласите. Најважно е вакви енергетски капацитети да имаме во земјата. Тоа ние го правиме и со фотоволтаиците и сега со изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ – рече Бектеши.
Бектеши не кажа по која цена ќе биде таа струја.
ХЕЦ „Чебрен“ по пат на јавно-приватно партнерство ќе ја гради грчката компанија „Архиродон“ која според тендерот ќе управува со неа 60 години колку што е нејзината концедија.
Хидроцентралата е проектирана со 333 мегавати минимум инсталирана моќност, а првото производство се очекува од 2029 година.