Министерот за економија Крешник Бектеши денеска, осврнувајќи се на владините мерки за енергетската криза, рече дека угостителите и хотелиерите ќе добијат поддршка, а рудниците, казината, банките и сличните такви дејности нема да бидат поддржани.
Бектеши повтори дека ќе им се помогне и на најранливите категории граѓани, а ќе се донесат и соодветни мерки во делот на замрзнувањето на цените и на маржите.
– Бизнисот ќе биде помогнат директно, но оние сектори кои навистина имаат потреба. Сум кажал дека поддршка од Владата ќе добиваат оние стопанственици кои покажуваат дека навистина штедат и оние кои навистина имаат потреба од поддршка. Не верувам дека имаат потреба од поддршка некои компании кои лани имале профит од над 30 милион евра, кои имаат минерални суровини и кои користат јавни добра од сите граѓани. Тие податоци ги имаме и мерките се прават – истакна министерот, одговорајќи на новинарски прашања по настанат по повод 27 Септември, Светскиот ден на туризмот.
Според Бектеши, одредени хотели и угостителски објекти се на регулираниот пазар и имаат загарантирана цена на струјата до 31 декември, а за оние што се на слободниот пазар Владата до крајот на оваа недела ќе излезе со конкретни предлози за да ги намалат трошоците за електричната енергија.
Министерот информираше и дека во однос на недостигот на квалификувана работна сила во туризмот, веќе се работи на ново законско решение за олеснување на процедурите и поедноставно добивање дозволи за работа во државата.