Од 1 јануари нема да се зголемат сметките за струја за граѓаните и покрај новата методологија и новата ставка за пристап до мрежа, од којашто се засегнати само граѓаните кои имаат викендици, по две-три куќи или два-три стана – изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој негира дека се компензира воведената евтина тарифа со новата ставка во фактурите заради тоа што, како што појасни, граѓаните кои што имаат повеќе потреба од поддршка се повеќе во рамки на првиот и вториот блок во потрошувачката. Тие што се во четвртиот блок, според него, немаат никаква потреба да бидат поддржани од страна на државата.
На новинарско прашање за коментар на барањето на енергетските компании цената на струјата да се зголеми за 27%, Бектеши рече дека тие можат да бараат и 400 и 500 %, во делот на трошоците што ги пријавуваат, но оти Регулаторната комисија за енергетика ќе одлучи колку од тие трошоци ќе прифати.
– Дваесет и седум отсто не е некое големо побарување ако споредиме со претходните години од страна на МЕПСО и од страна на ЕВН дистрибуција и ЕВН Хоум. Најверојатно нема да бидат прифатени. Цената за домаќинствата и малите потрошувачи нема да се зголеми од 1 јануари, во спротивно ќе имаат дополнителна можност со користење на евтината тарифа да им биде намалена – рече Бектеши.
Тој порача дека имаме правична методологија и согласно категории на граѓани.
– Во склоп на Енергетскиот совет речиси веќе една година се работи на нова методологија со цел да се врати евтината тарифа. Новата давачка ќе тангира одредени групи граѓани кои имаат викендици, по две-три куќи, два-три стана и слично, поради тоа што во делот на наплаќање за дистрибутивната мрежа повеќе плаќаат тие граѓани кои навистина користат електрична енергија. Тие кои имаат викендици и ги користат еднаш, двапати, трипати во годината, тие кои не ги користат становите, куќите, ќе го платат тој надомест, а за граѓаните кои навистина користат електрична енергија и имаат еден стан или куќа ќе се намали ставката за дистрибутивна мрежа. Тоа значи дека имаме правична методологија и согласно категории на граѓани во нашата држава – рече Бектеши.
Како што дополни, најранливите категории граѓани кои што имаат просечна потрошувачка во првиот и вториот блог, ќе плаќаат помалку во делот на електричната енергија и во вкупната сметка за струјата, имајќи ја во предвид и цената на дистрибутивната мрежа.