Мерката „гарантирана цена“ најверојатно ќе продолжи да важи најмалку уште еден месец, односно и во текот на јануари. Замрзнатите цени на дел од основните прехранбени производи ќе се применуваат додека не биде изгласан од страна на Собранието Законот за нефер трговски практики кој минатата недела, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата.
Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето на ТВ 24.
– Денеска со секторот за трговија ќе го имаме финалниот состанок и согласно податоците кои ги видовме, ќе продолжи мерката најмалку за еден месец, бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за гарантирана цена и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари – рече Бектеши.
Тој додаде дека предлогот на Министерството за економија за продолжување на рокот на мерката ќе оди на влада, а таа ќе треба да ја донесе конечната одлука.
Бектеши информира и за повеќе мерки кои треба да се реализираат следната година.
– Со мерките на Министерството за економија исто така е предвидено да се субвенционираат уреди за греење и ладење, одредени граѓани ќе добијат и до 350-400 евра, Станува збор за над 10.000 граѓани, ќе ги субвенционираме студентите со ваучери до 350 евра за туризам, ќе ги покриеме одредени трошоци за малите и микро претпријатија клучни за нивното тековно работење за да можат да влезат во идни инвестиции. Овие мерки ќе започнат да се реализираат од средината на јануари и за нив се предвидени над 8 милиони евра – појасни Бектеши.
Тој смета дека следната година ниската инфлација, повисоките плати и мерките ќе придонесат за подобрување на стандардот на граѓаните.
– Во моментот имаме инфлација од 3% вкупна, а во делот на храната имаме и намалување во одредени месеци, а зголемување на платата за 15%, што значи дека одредени категории на граѓани имаат и подобрен стандард. Затоа од декември и во текот на следната година, со деветтиот пакет мерки решивме да ги поддржиме пензионерите, учениците и студентите во чии семејства има приходи до 50.000 денари и примателите на социјални давања – рече Бектеши.