Јавното претпријатие за државни патишта не ги префрлило договорените 250 милиони евра за реализација на проектот за изградба на автопатските делници од Коридорите 8 и 10д, кој го спроведува конзорциумот „Бехтел и Енка“, а тоа може да го забави напредокот и да предизвикаат дополнителни трошоци за државата ако не се надминат навреме, се наведува во Извештајот од надзорот за прогрес на работите на Kоридор 8 и 10д за јули
Во него се наведува дека конзорциумот не добил пари во текот на 2024 година како што е договорено, а нема ниту добиено објаснување за причината од страна на Државни патишта. Последната трансакција Министерството за транспорт и врски ја направи во последните два работни дена од минатата година кога на ЈПДП му исплати 43 милиони евра.
„Ова е особено значајно бидејќи проектот предвидува исплати од околу 250 милиони евра само за оваа година До овој момент, нема префрлена ниту една транскација за оваа намена, што отвора прашања за финансиската стабилност на проектот и можноста за идни доцнења. Претпријатието за државни патишта и понатаму нема објавено конкретни причини за доцнењето на средствата, а проектот се наоѓа во критична фаза на изградба“ се наведува во извештајот.
Но, и покрај ваквата состојба се наведува во извештајот, „Бехтел и Енка“ и во јули продолжија да работат на експропријација, геотехнички истражувања и спецификации, како и мобилизација на градежната опрема и екипи.
„Ова сугерира дека изведувачот работи на свој ризик, што е невообичаена пракса во проекти од ваков обем. Останува нејасно дали и кога ќе се реализираат потребните исплати од државниот буџет, што би овозможило непречено продолжување на проектот“, се наведува во Извештајот.
Според податоците од извештајот, земјените работи и конструкциите продолжиле главно на три од четирите планирани делници. Делниците кои се изградени се Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.
Во извештајот се вели дека во последниот период се работело на изградба на камп за работници и дека се врши ископ на градежен материјал, се чекаат и документи за урбани проекти од општините Тетово, Гостивар, Прилеп и Битола. Се споменува дека во тек е и геодетското координирање и мапирање, што според изведувачот е при крај, а поголемиот дел од работата на испитувањето на почвата бил завршен.
„На трасата Прилеп – Битола изведувачот истражува неексплодирани средства (бомби, гранати, гранати, нагазни мини, поморски мини, касетна муниција и друга муниција) кои не експлодирале кога биле употребени и сè уште претставуваат ризик од детонација“, се вели во Извештајот.
Инаку Министерство за транспорт и врски како капитален расход на изведувачот преку ЈП „Државни патишта“ треба да му исплати износ од 15.100.000.000 денари во текот на 2024, пишува во официјалната програма, а во актот се вели дека средствата се проектирани согласно договорот со „Бехтел и Енка“ постигнат во март минатата година.