Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Украина го почитуваат прекинот на огнот од осум часот наутро и оти се отворени „хуманитарни коридори“ за евакуација на жителите на Киев и четири други украински градови Чернигов, Суми, Харков и Мариупол, објавија руските медиуми.
Русија претходно соопшти дека цивилите кои ги напуштаат градовите Киев, Чернигов и Харков ќе патуваат во Русија, некои преку Белорусија, јавија руските медиуми, повикувајќи се на соопштение на рускиот комитет за хуманитарна координација во Украина.
Според медиумите, луѓето што ги напуштаат градовите Суми и Мариупол ќе имаат избор да преминат во Русија или во украинските градови Полтава и Запорожје.
Цивилите денеска ќе го напуштат опколениот украински град Суми според договорот со Русија за воспоставување „хуманитарен коридор“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
„Договорено е првиот конвој да тргне во 10 часот (9 по средноевропско време) од градот Суми. По конвојот, ќе оди локалното население со сопствени возила“, рече Верешчук во телевизиска изјава.
Повеќе од десет лица загинаа во воздушни напади врз градот Суми во североисточна Украина, соопштија локалните власти, пренесува ДПА.
„Во некои делови се бомбардирани станбени згради“, рече Дмитриј Живицки, шеф на регионалната администрација во Суми, во изјава објавена на Фејсбук рано утрово.
Тој рече дека неколку куќи се уништени кога бомба паднала во близина на центарот на Суми.
Суми, во близина на руската граница, со денови е место на тешки борби.