Поранешниот раководител на Одделот за производство во српскиот Институтот „Торлак”, Мирослав Стајиќ, тврди дека новородените бебиња во Србија во изминатите три месеци примаат бугарски БСЖ вакцини, против туберкулоза, пренесе Бета.
Како што изјави за порталот Нова.рс, „целосно исправниот” погон во Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак” за производство на тие вакцини е „неупотреблив”, бидејќи сите стручњаци го напуштиле одделението за туберкулоза, а младите кои неодамна се вработиле не знаат да работат.
– Кога сфатија дека немаат стручњаци кои ќе ја произведуваат вакцината БСЖ, раководството на Торлак под итно поднесе барање за увоз на вакцини против туберкулоза од Бугарија. Имено, целиот регион, Црна Гора, Република Српска, се снабдува со вакцини од Торлак. Но, на почетокот на годината и на пролетта имаше недостиг од таа вакцина во породилиштата во регионот, бидејќи производството беше прекинато во Торлак – рече Стајиќ.
Тој изјави дека биолошкото производство на тие вакцини е ризично и дека бара експерти кои ќе го надгледуваат.
– Очигледно е дека Торлак поради некоја причина не успеал да направи доволно количества вакцини, па во јули нарачале БСЖ од Бугарија. Торлак директно тоа го платил. За жал, во текот на изминатите 20 години, многу лекари, биолози и речиси сите искусни техничари ја напуштиле таа установа. Се надевам дека Торлак повторно ќе може да ја произведе вакцината против туберкулоза, но некој мора да го научи подмладениот тим што го донесоа. Таму нема повеќе експерти и нема од кого да учат – истакна Стајиќ.
Тој оцени дека ако има проблем со погоните, тогаш јавноста мора да знае за тоа, нагласувајќи дека Торлак не е приватна компанија.
Министерката за здравство на Србија, Даница Грујичиќ, минатата недела изјави дека на Гинеколошко-акушерската клиника во Белград 600 бебиња добиле физиолошки раствор наместо БСЖ вакцина.