Бебето кое денеска почина во битолската болница било родено живо, ама со тахикардија, информираше министерот за здравство Фатмир Меџити.
– Денеска сме тука за да видиме како бил случајот. Утре од ДСЗИ ќе испратиме комисија, односно инспектори за да утврдат што било причината за смртта. Според првичниот извештај, бебето било живо родено, со тахикардија, имало белодробрно-срцево оживување, понатаму сѐ ќе кажеме кога ќе имаме дефинитивни резултати од институциите – изјави Меџити.
Претходно, порталот Независен, повикувајќи се на болнички извори, објави дека бебето починало вчера во стомакот на 24-годишна родилка од Битола откако ѝ била дадена таблета за да се испровоцира породувањето и откако дежурниот гинеколог ја испратил дома.
Кога родилката се вратила во текот на ноќта на болница да раѓа веќе било доцна за бебето. Дежурните лекари виделе дека бебето страда, по бојата и по исцедокот на водењакот, се обиделе да ја породат родилката и да го реанимираат бебето, но му немало спас.